Последни новости
Ново работно време
Промотивни денови на регионот, 2010 год.
Ново работно време
Археолошки истражувања 2010
Покана за членствово EXARC
 

Во Македонија и во Скопје има малку археолошки локалитети кои со своето значење  и местоположба се достапни на јавноста. Праисториската населба Тумба Маџари во општината Гази Баба во Скопје е археолошки локалитет кој со своите уметнички и естетски вредности на материјалната и духовна култура е веќе потврден  во научните кругови и има услови да стане достапен на јавноста за неколку цели: научни, едукативни и туристички.
Проектот  “Реконструкција на неолитското село на локалитетот Тумба Маџари” е замислен со неколку едукативни и туристички содржини кои се реализирани на западниот дел од имотот на Музеј на Македонија каде е потврдено дека нема археолошки траги. На реализацијата на овој проект претходеа создавање на соодветни теренски услови за реконструкција и патна комуникација до самиот локалитет. Во 2008 и 2009 год. Министерството за култура, Општина Гази Баба и Управата за заштита на културното наследство, безрезервно ја подржаа и помогнаа оваа иницијатива.

Во овој период се изградени  4 куќи во духот на неолитската градежна традиција. Во три од нив преку разен куќен инвентар изработен во копии и макети на луѓе е направен обид за реконструкција на дел од животот на неолитскиот човек. Објектите: пчеларник и трло со неколку макети  на домашни животни од периодот на младото камено време се дополнување на секојдневниот амбиент на нашите претци. Примарната намена на четвртата куќа е едукативна но не е исклучено  и организирање на манифестации со јавен културен карактер. Надворешниот изглед на овој објект целосно се вклопува во амбиентот на Неолитското село. За развој на туризмот  во тек е изградбата на  сувенирница  чија  завршница се очекува во следната фаза.

Во реконструкцијата на неолитските куќи во Тумба Маџари се  користени три  релевантни извори: археолошките остатоците што остануваат на терен, изгледот на керамичките модели-жртвеници-куќи од неолитот од Анзабегово-вршничката и Велушко-породинската културна група и современите примери на куќи во селата кои живеат како градителска традиција многу долго, практично неколку илјадалетија.

Првите археолошки истражувања Музејот на Македонија ги изврши во 1978 год. Резултатите покажаа дека се работи за населба од неолит, со три фази на живеење. Економската благосостојба и културниот просперитет ги доживува во средниот неолит 5800-5200 год. пред н.е.

Во истражувањата од 1981 до 2008 год. се дефинирани 8 куќи. Досега на  јавноста и е презентирана само првата куќа за која се смета дека е светилиште.

Доколку сакате да погледнете поглед 360 степени од Неолитското Село (1) кликните тука.
(за да можете да ја погледнете апликацијата потребен ви е QuickTime)

Доколку сакате да погледнете поглед 360 степени од Неолитското Село (2) кликните тука.
(за да можете да ја погледнете апликацијата потребен ви е QuickTime)

Куќа 1

Куќата е градена во традиционалната техника своиствена за сите земјоделски цивилизации. Ѕидовите на куќите се градени  од дрвени столбови набивани во земја и со гранки исплетени меѓу нив. Тие  се обложувани со дебел слој лепеж од кал и плева. Покривот од куќата е на две води и е изграден од дрвена конструкција и слој од трска и ржаница. Внатрешноста на куќа 1 е преградена со еден тенок неправилен парапет. Според археолошките остатоци во неа се подигнати две печки и  мелница за жито. Во оваа куќа која е и најбогата со наоди се откриени вкупно 45 цели садови и многу фрагменти од керамика. Сиот тој материјал е изложен во постојаната поставка на Музејот на Македонија. Тоа се амфори, пехари, грнци и питоси со барботин украси, фрутариуми и чинии. Со својата совршена едноставна форма, особена карактеристика на неолитот во Горновардарскиот регион му даваат аскосите-садови за вода. На Тумба Маџари се откриени прв пат и тоа во класичната форма и по изработка се најубавите меѓу сите познати од другите локалитети.
Она што го  прави Тумба Маџари  и оваа куќа позната, е за прв пат откриената теракотна претстава на Големата Мајка. Со своите импресивни димензии од 39 см висина, класичната смирена поза на изникнување од куќата и воедно бдеење над нејзиното огниште и мир, ја прави оваа скулптура ексклузивна. Таа ќе стане главната нишка што го поврзува духот на човекот од неолитот во Македонија.

Доколку сакате да погледнете поглед 360 степени од Куќа 1 кликните тука.
(за да можете да ја погледнете апликацијата потребен ви е QuickTime)

Куќа 2

Куќата е градена со градежен материјал како и другите. Вратата на јужната страна е со форма на буквата М, а над неа е кружен отвор. Овие детали се направени според аналогиите на керамичките жртвеници од типот на Големата Мајка. Во куќата се презентирани предмети во копии од секојдневниот инвентар на неолиткиот човек. Изложена е  реконструкција на разбој и жена што ткае на него. 



Доколку сакате да погледнете поглед 360 степени од Куќа 2 кликните тука.
(за да можете да ја погледнете апликацијата потребен ви е QuickTime)

Куќа 3

Изградена е на традиционален начин од дрва, гранки и кал. Во куќата е подигната мала дрвена платформа измачкана со кал како место за спиење и чување на храна, познато во етнологијата како черен. Во ниво на оваа платформа на подот е подигнат мал парапет кој го одвојува јужниот дел на куќата од северниот, во кој се подготвувала храната. Во јужниот дел на  куќата се  поставени макета на жена-грнчарка што изработува керамички садови и макета на дете. До западниот ѕид  во куќата е поставена полукалотеста печка. На северната фасада, над вратата е закачена копија од керамичкиот букранион на овен.

Доколку сакате да погледнете галерија - поглед 360 степени од Куќа 3 кликните тука.
(за да можете да ја погледнете апликацијата потребен ви е QuickTime)

Оваа  благородна идеја за  Реконструкција на неолитското село на локалитетот Тумба има двојна цел - ревитализација на локалитетот и  развивање на чувството за валоризирање и грижа за најстарите културни достигнувања на нашите предци во пошироката јавност.

Неолитското село ќе биде отворено за посети секој ден од:

Понеделник - Петок 07:00 -14:00 часот
Сабота 07:00 -18:00 часот
Недела - 10:30 - 17:00 часот

Државните празници се неработни
Влезот е бесплатен

Работното време важи до март 2010 год.

Автори на проектот: Д-р Драгиша Здравковскии Елена Стојанова Канзурова

Научен консултант:  Проф. д-р Драги Митревски

Фотографија: Сашо Димовски

Графички дизајн: Гордана Георгиевска

Учесници во проектот од Музеј на Македонија: Елизабета Столиќ, Иванчо Велков, Живко Дафовски

Учесници во проектот - надворешни соработници: Илчо Велковски, Стојан Мусајски, Благоја Јорданов, Јане Велковски, Оливер Велков, Ирина Јакимовска, Стефан Илијевиќ, Дончо Наумовски

Учесници во проектот од Општина Гази баба: Емилија Кипровска, Благој Кчев, Сашо Митевски

Благодарност до: Елизабета Канческа Милеска, министер за култура, и соработниците Паско Кузман Борис Јосифовски, Снежана Ристовска; Коце Трајановски, градоначалник; Перо Јосифовски, Боре Неделковски, Сузана Андовска

кон Галеријата од Неолитското Село

кон Галеријата од Свеченото отварање на Неолитското Село
кон Галеријата со посетителите на Неолитското Село

© Archaeological Site "Tumba Madzari". All rights reserved. Design and powered by creative workshop